– Не сум запознат со нон – пејперот на словенечкиот премиер Јанез Јанша за промена на границите на Западен Балкан. Ги слушнав медиумските извештаи но треба прашањето да се постави во Советот или кај нашите словенечки партнери, вели портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, прашан како ја кооментира информацијата за наводниот нон – пејпер на премиерот на Словенија, Јанез Јанша, документ адресиран до Брисел, во кој се бара поделба на БиХ.
Стано вели дека не виделе и не се запознати со таков документ, па затоа и не коментира за наводната содржина на тој нон-пејпер.
– Она што можам да го кажам е дека позицијата на ЕУ е јасна по прашањето на границите, ништо не треба да се менува, изјави Стано.
Тој додаде дека процесот на проширување на ЕУ има за цел да поттикне регионална соработка и помирување во регионот.
-Процесот да не оди во опасни области, како таа, и да се држиме до ЕУ законодавството и принципите на ЕУ, изјави Стано на денешниот редовен брифинг за новинарите.