Познатиот хрватски историчар на уметност, книжевник, поет и есеист Звонко Марковиќ, кој неколку години го проучува феноменот со проектот „Скопје 2014“, вели власта во Македонија е на опасен пат кон национализмот како Германија во времето на Хитлер.
Знак на опасна болест
Да се живее во еден виртуелен свет, тоа е знак на болест, тоа е знак на длабока психичка растроеност. Ако живеете во фантазија, а одбивате да ги признаете фактите и реалноста, тогаш тоа е навистина загрижувачко, вели Маковиќ.
– Скопје не може да се спореди ни со еден од градовите во 21 век затоа што такви проекти нема никаде во светот, но може да се спореди со град од минатото, а тоа е Берлин во 30-тите години. Јас ја истражувам идеологијата на нацизмот, доктрината на Хитлер која ја осакати Германија. Тој ја градеше нацистичка Германија преку својот архитект Шпер. Вашата власт е на тој пат – вели Марковиќ кој во Скопје учествуваше на дебатата „Споменици и политика: Дали „Скопје 2014“ е културен или политички проект“.
Зачуден и ужаснат ода она што го видел во Скопје, тој вели нема ни збор за некаква култура, уметност или естетика.
– Тоа е политички проект основан на голема лага, тоа е политички кич кој го покажува самоволието на власта.
Без да штеди остри критики, Марковиќ приметува и низа други нелогичности во владиниот проект „Скопје 2014“.
– Каква врска имаат цар Самоил и Јустинијан, Гоце Делчев и другите господа на коњ? А тука е и Александар Македонски во средината, а од другата страна Филип Македонски, тоа е вистински ужас, приметува Маковиќ. За него е нелогична опседнатоста на македонските власти со барокот.
– Никогаш барокот не бил супстанца за православната средина. Барокот е производ на контрареформација, така што тоа е директен политички проект, вели Маковиќ, кој оценува дека проектот „Скопје 2014“ е последица на „еуфорија на засилен национализам кој е прераснат во хистерија“.