По повод 50 години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки, во Битола на Влашките гробишта денеска беше организирано чествување, во организација на Комуната на Власите, и покровителство на градоначалникот на Битола.
Голем број претставници од институциите кои го негуваат и се грижат за големото дело на Браќата Манаки присуствуваа на манифестацијата.
– Нашиот битолчанец Милтон Манаки, не само што ја прослави Битола, туку и Република Македонија. Во чест на големото дело на Браќата Манаки го одбележуваме овој ден затоа што сакаме да остане запаметен. Колективната меморија мора да остане, затоа во таа насока треба да се потрудиме сите генерации да направиме чекор повеќе да го чествуваме она што е вистински квалитет, културно – историско наследство и она што е историја на Битола, изјави градоначалникот Владимир Талески.
– Милтон Манаки е едно од неколкуте имиња кои треба да се запишат со златни букви во историјата на Битола. Во чест на делото на Браќа Манаки, веќе три децении го имаме фестивалот „Браќа Манаки“, соработуваме со сите институции, а општина Битола се потруди да се оддолжи на големото дело. Имено, во центарот на градот на Широк Сокак го градиме киното во кое што Браќата Манаки работеле, а кое што пред повеќе децении беше опожарено и до темел уништено, посочи тој.
Дел од денешната програма за одбележување ќе биде и изложбата на реставрирани фотографии од браќата Манаки која ќе биде отворена вечерва во 19.00 часот во фоајето на Центар за култура Битола, каде ќе биде изложена и оригиналната камера 300 како и проекција на реставрираните филмови на браќата Манаки.