Помеѓу грчките државјани кои подигале пари во кеш од грчката фирма на која лежат државните пари за автопатот Демир Капија – Смоквица е и името на популарната водителка Миланка Рашиќ која за Плусинфо потврдува дека работела во фирмата „Топометрија“ која е подизведувач на фирмата носител на тендерот – грчката „Актор“.
-Да, јас работев во таа фирма и со неа имам хонорарен договор. Парите кои ми се исплатени се хонорар, вели Рашиќ за Плусинфо додавајќи дека „од телевизиската работа тешко се живеело“, па затоа сега е во други води.
На списокот со исплати во кеш Рашиќ фигурира два пати, а и биле исплатени во двата наврата по околу триесет илјади денари или вкупно 1.000 евра, за кои таа вели дека се хонорари за нејзината работа како офис менаџер. За разлика од неа, исплатите кон грчките државјани кои во филијалата на Стопанска банка во Неготино во повеќе наврати подигале пари во кеш се бројат во илјадници евра. Сите заедно, според документите кои ги објави опозициската партија СДСМ имаат извлечено повеќе од три милиони евра во кеш. Грчките државјани организирано во автобус доаѓале во Неготино и во присуство на директорката на „Актор“ го подигале кешот, а потоа, според СДСМ, тој кеш и бил предаван назад на директорката Атиона Зиога и не ги напуштал границите на земјава.
Државниот јавен обвинител денеска најави дека до крајот на недела ќе чека Управата за финансиско разузнавање да му предаде документи за овој случај, а доколку тие не го сторат тоа, тој пред јавноста вети отворање истрага по допрен глас.