Под мотото “За подобар живот”, група ученици од гимназијата во Дебар, предводени од професорот Арбер Амбари, успешно ja завршија хуманитарната акција за обезбедување помош за социјално загрозените семејства. Оваа акција за собирање доброволни прилози, траеше две недели. Во овој период, учениците обезбедија значителна материјална помош, која потоа им ја поделија на семејсвата соочени со немаштија.
Професорот Амбари, им се заблагодари на сите што придонесоа со својата активност за да успее оваа хуманитарна акција. Тој, посебно им се заблагодари на учениците, кои покажаа голема подготвеност да се вклучат во оваа иницијатива и успешно неа да ја спроведат.
“Додека ги гледав мизерните услови во кои живеат, и напорите што ги вложува дел од населението за да опстане, одлучивме да ги превземеме првите чекори за реализација на оваа доброволна акција, која на почетокот имаше слаб одзив, но подоцна достигна размери што овозможија да ги задоволи основните потреби за речиси 50 семејства, сочени со немаштија или сериозни болести. Со оваа активност, Дебар покажа дека човечките вредности ги смета поважни од сите останати, та затоа и ја негува свеста дека со мал напор и со посветеност, може да им се помогне на тие кои имаат потреба за тоа”, вели за Нова, Амбари.
Еден од средношколците кој учествуваше во оваа активност, Блин Белчишта, вели дека оваа иницијатива го соочи со реалноста и со вистината колку се неопходни овие хуманитарни акции.
“Кога видовме во какави тешки услови живеат голем број од нашите сограѓани, го сфативме значењето на нашиот хуман чин “, вели Белчишта.
Додека, Леонард Абазоски и Меритон Доволнаи, и двајцата средношколци, првично биле скептични и стравувале дека нема да можат успешно да ја спроведуват оваа хуманитарна иницијатива. Но, подготвеноста на учениците, и нивната волја да им помогнат на сиромашните семејства, ги разубеди. Сега тие се горди што конечно успешно ја спроведоа оваа акција, и ветуваат дека и во иднина ќе преземаат активности со хуманитарна цели.
Секој трет граѓанин во Македонија, или 30,4 отсто од вкупното население, живее во сиромаштија. Овие податоци, кои се однеуваат на 2012 година, се објавени од Државниот Завод за Статистика. Но, и покрај ваквата тешка економска состојба, Владата на Република Македонија продолжува да финансира непродуктивни прокети, како на пример, проектот “Скопје 2014 “, за кој се трошат стотици милиони евра.