Кривичниот суд – Скопје постапува независно, непристрасно и неселективно без разлика дали како обвинет или оштетен се јавува сегашен или поранешен функционер, лице кое ужива висок социјален статус во општеството, бизнисмен, доктор, професор, пензионер, невработен граѓанин и слично, реагираат од Основниот кривичен суд – Скопје во однос на информациите во јавноста поврзани со предметот „Талир 1“, каде меѓу другите во својство на обвинет се јавува и правното лице ВМРО – ДПМНЕ.
Од Судот апелираат до сите-странките во постапката, но и до „самопрогласените експерти“, да се воздржат од давање на неточни и тенденциозни коментари кои штетат на угледот на судот, но и на самите странки во постапките, а кои, како што велат, ja нарушуваат Уставно загaранатираната судска независност.
– Посветен исклучиво на правдата, со целосно и доследно почитување на Законите и правата на странките, Судот одлучува врз основа на изведените докази и аргументи, врз основа на судската пракса и врз основа на правната логика, за кое нешто доказ се и бројните судски одлуки од изминатиов период, потврдени од повисоките судови, а истовремено од непристрасната јавност и од меѓународниот фактот-како релевантен критичар, се квалификувани како правични и одраз на владеењето направото, посочуваат од Кривичниот суд.
Кривичниот суд, исто така, појаснува дека судија-поротник не учествува во носење на одлука за замрзнување на имот, односно привремена мерка за обезбедување на имот, бидејќи таквата одлука е во надлежност на Кривичниот Совет и се носи во совет од тројца судии, без учество на судија-поротник.
По однос изборот и разрешувањето на судиите-поротници, се вели во соопштението, јавноста треба да знае дека тоа е исклучива надлежност на Судскиот Совет, а не на Претседателот на судот.
– Во конкретниот случај по однос судијата-поротник Митко Сандев, откако од Судот е костатирано дека истиот наполнил 60 години, веднаш е известен Судскиот Совет, но се додека истиот евентуално, не биде разрешен, тој ќе ја обавува функцијата „Судија-Поротник“. Судот сака да појасни зошто не е поднесено „Барање за негово разрешување“ туку е дадено само „Известување“. Имено Законот за судови е нејасен во смисла на изборот и разрешувањето на судиите-поротници. Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на 60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето на 60 години поротникот треба да се разреши. Ваквата недореченост на Законот, која ствара забуна, е критикувана и од домашната експертска јавност, но и од Меѓународната заедница, дури е квалификувана и како дискриминирачка, имајќи предвид дека за работно способни лица во РСМ, согласно ЗРО-Законот за работни односи, се сметаат сите лица до 64 години старост, се вели во соопштението од Осноцниот кривичен суд- Скопје.