Македонскиот режисер Александар Поповски е добитник на наградата за најдобра режија на сатиричната комедија „Мистерија Буфо“ , чиј автор е Владимир Мајаковски, а во продукција на „Словенско младинско гледалишче“ од Љубљана, на фестивалот „Денови на комедија“, во Цеље, Словенија.
Оваа претстава практично ги зема сите главни награди- прогласена е и за најдобра претстава на годината од страна на жири комисијата, која ги претставува сите словенечки театри.
Актерите Маша Дерганац и Клемен Слакоња, кои ги толкуваат главните улоги во претставата ги освоија наградите за најдобри актерски осварувања, а Александар Поповски ја освои и наградата од публиката „Так Си“.
Образложението на жирито за наградата беше следново:
-Тој создава полнокрвен театарски хумор, кој не е само забава.
– Хумор со јасен авторски потпис на софистицирани ситуации и со маестрални пресврти кои се користат да се постави огледало или како алатка за анализа на поединецот и неговиот однос кон општеството.
– Поповски е режисер кој им е наклонет на актерите и им дава можност да создадат одлични креации, се вели во аргументацијата за наградата.