Лидерите на Кина и на Северна Кореја, Си Џинпинг и Ким Џонг-ун ветија дека ќе ги подигнат односите меѓу двете земји на „ново ниво“, по повод 60-годишнината од Договорот за заемна одбрана.
Двајцата лидери ветија дека ќе ги зајакнат пријателските односи, разменувајќи пораки по повод 60-годишнината од билатералниот Договор за одбрана, објави Раша тудеј (РТ).
Блиските врски меѓу народите „добиваат интензитет“ во последните години, откако „сеопфатно се развија на повисоко ниво во сите области, вклучително и во политиката, економијата, војската и културата“, истакна Ким.
Билатералниот договор одигра клучна улога во обезбедувањето мир и стабилност во Азија против „непријателските сили“ во регионот, нагласи севернокорејскиот лидер, истакнувајќи дека двете соседни земји имаат „цврст став за континуираниот развој на пријателските и кооперативните односи“.
Во слична насока, Си го оцени договорот од 1961 година како важен за зајакнување на регионалниот и глобалниот мир. Тој додаде дека Пекинг и Пјонгјанг „силно се поддржуваат и работат рака под рака“ за зајакнување на односите во текот на годините.
Според кинеското Министерство за надворешни работи, Си е подготвен да соработува со Ким за „да ја донесе билатералната пријателска соработка на ново ниво и да обезбеди повеќе придобивки за двете земји и за двата народа“.
Според договорот од 1961 година, Кина и Северна Кореја мора заемно да се бранат, кога некој од нив би бил нападнат.
Кина е најголемиот трговски партнер на Северна Кореја и нејзин главен сојузник на светската сцена и претходно повика на ублажување на меѓународните санкции против Пјонгјанг. Си и Ким се сретнаа лично неколку пати во 2018 и 2019 година.