Романтичната драма на францускиот режисер Кристоф Ганс „Убавицата и ѕверот“ и крими –трилерот „Курир“ од овој четврток ќе се најдат на репертоарот на киното Cineplexx.
Францускиот режисер Кристоф Ганс ја сними традиционалната бајка „Убавицата и ѕверот“ во манирот на големите холивудски спектакли. Филмот на Ганс во визуелен поглед, како и во однос на акционите сцени стои рамо до рамо со американската продукција. По големиот француски хит „Пактот со волците“ и добро прифатената американска екранизација на видео-играта „Silent Hill“, Ганс сними универзална бајка за љубовта без оглед на разликите меѓу двајца кои се сакаат. Главните улоги во филмот ги толкуваат познатиот актер Винсент Касел и Леа Сејду. Приказната се базира на најраната позната верзија на бајката од збирката на Гарбиел Сузан.
Во четврток во Cineplexx пристигнува и крими-трилерот „Курир“. Главните улоги ги толкуваат Џон Кјузак, Ребека да Коста и Роберт де Ниро.
„Курир“ е тензична крими-трилер приказна за Џек (Џон Кјузак), опасен човек со хронично лоша среќа но и со трошка човечност. Кога Драгна (Роберт де Ниро), легендарен шеф на мафијата, ќе го најми да заврши едноставна, но, необична работа, заплетот ќе се центрира околу очекуваното доаѓање на Драгна кој од непознати причини го повикува Џек на една оддалечена локација со голем број на сомнителни ликови. Во текот на оваа долга ноќ, исполнета со насилство, додека се чека пристигнувањето на Драгна, Џек ќе се запознае со Ривка (Ребека ДаКоста), исклучително убава жена чиј живот ќе стане физички и емотивно заплеткан со Џек. Кога Драгна конечно ќе пристигне, ќе настанат неочекувани случки.