Холандскиот истражувачки новинар, врз кого беше пукано на 6 јули во Амстердам, починал во болница како последица на тешките здобиени повреди, како што објавија денеска холандската телевизија РТЛ.
Де Врис бил погоден во главата, а по нападот бил пренесен во болница. И покрај напорите на лекарот да го одржи во живот, тој почина. Според локалните медиуми, Врис починал во присуство на неговото семејство.
Претходно, премиерот на Холандија, Марк Руте изјави дека нападот врз Де Врис е напад врз „слободата на печатот“.
Холандското кралско семејство, кое за време на настанот било во Берлин, на социјалните мрежи соопштија дека се шокирани и разочарани.
Нападот се случи само неколку минути откако тој ја напушти зградата на РТЛ, каде учествуваше во популарното телевизиско шоу. За нападот се уапсени тројца кои се претпоставува дека се евентуално поврзани со пукањето, а меѓу нив најверојатно и лицето кое пукало. Де Врис, кој ги пишуваше за активностите на холандското подземје, ја освои меѓународната награда „Еми“ во 2008 година за истражување на исчезнувањето на тинејџерката Натали Холовеј во Аруба во 2005 година.