Американската амбасада во Софија реагираше на колажот што на прес-конференција го прикажа претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој искористи фотографија од американски астронаути што починале за време на мисијата.
„Прашањето беше отворено директно кај господинот Борисов“, соопшти прес-службата на амбасадата на САД во Софија, пренесува бугарската редакција на „Слободна Европа“.
Во средата, за време на прес-конференција, лидерот на ГЕРБ ги исмејуваше своите политички противници со колаж со слики на Маја Манолова, Христо Иванов, Тошко Јорданов, Николај Хаџигенов, Иво Мирчев и Цветан Цветанов.
Нивните лица беа поставени на фотографија од НАСА, со астронаутите од екипажот на шатлот „Колумбија“ во мисијата СТС 107, кои починаа во 2003 година при влез во земјината атмосфера.
Од ГЕРБ одбиле да ја коментираат реакцијата, но единствено кажале дека колажот не е создаден од личности од партијата, туку дека бил преземен од социјалните мрежи.
Шегите со астронаутите започнаа во понеделникот, кога лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов рече дека меѓу приоритетите на неговата идна влада ќе биде испраќањето на двајца Бугари и еден Македонец во вселената.