„Ова ќе ми биде најнасмеаната прес-конференција, благодарам до „Има таков народ“ и на Слави Трифонов за номинацијата за претседател на Владата“, кажа сега веќе бившиот кандидат за бугарски премиер, Николај Василев, кој се повлече од намерата.
-Последниве два месеца заедничка работа ги запознав и Слави и неговиот тим, тоа се професионалци и добри луѓе. Кон мене беа упатени голем број критики. Останатите 17 предлози за министри се одлични луѓе и се надевам дека овој проект за нив тука не завршува. Ако добиевме поддршка ние ќе бевме најреформаторската Влада. Ќе управувавме чесно, со ДНК на иднината. Позитивно е што општеството се убеди дека имаме образовани, чесни и компетенти луѓе кои можат да заземат вакви функции. Последниве три дена кон предлозите за министри се случи цунами, изјави Василев.
Тој додаде дека една од најголемите критики кон него е дека не е ново лице во јавноста иако такви биле ветувањата, истакнувајќи дека доколку било спротивно, ќе бил критикуван дека нема искуство.
-Сакам Бугарија да ја видам како просперитетна држава. Верувам дека овој наш сон ќе се оствари во овој живот или следниот. Јас сум десен реформаторски економист, а како евентуален премиер ќе имав приоритети како што се западната ориентација на државата, владеењето на правото, реформи во судскиот систем, слобода на медиумите, слобода за бизнисот. Ќе предложев намалување на даноците, буџет за 2022 година без дефицит, нови алатки за транспарентност при јавните набавки, зголемување на пензии за 35%, како и зголемување на платите во здравството и образованието, рече Василев.
Од друга страна, одговарајќи на новинарските прашања, заменикот претседател на партијата „Има таков народ“, Тошко Јорданов изјави дека лидерот на партијата, Слави Трифонов не можел да присуствува на прес-конференцијата, бидејќи бил на работа во неговата телевизија. Јорданов додаде дека скоро ќе биде претставен нов предлог за состав на Влада, бидејќи предлогот објавен во понеделникот ќе претрпи ревизија во имињата.
Претходно во текот на денот, претседателот на Бугарија Румен Радев најави дека ќе го свика новото Национално собрание на 21 јули на прва седница.
– Сега е време бугарските политичари да ја завршат својата работа, да најдат обединување, да најдат пресеци од нивен интерес, што всушност ќе бидат интереси на сите Бугари, нагласи Радев.