Јапонскиот архитект, познат по своите структури од хартија е 36-от архитект кој ја добива најпрестижната награда на ова поле.
Идејата на Бан доаѓа по 1994 година кога решил преку својата иновација да им помогне на бегалците од Руанда. Гледајќи ги нивните пластични кампови и животот во субстандардни услови, Бан се посветил преку архитектурата да допринесе многу повеќе.
За примена на иновативен дизајн и користење на скромни материјали како што се картон и хартија, Бан е именуван за добитник на Прицкеровата награда за 2014 година. Во соопштението од жирито се вели „неговото чувство за одговорност и позитивно дејствување да се создаде архитектура на квалитет за да им служи на потребите на општеството, во комбинација со неговиот оригинален пристап кон овие хуманитарни предизвици, го направија овогодинешниот победник пример за професијата“.
Со доделувањето на наградата на 56-годишниот архитект, седмиот Јапонски дизајнер кој го добил ова признание, жирито избра славење на работата која е од помош за раселените отколку во услуга на богатите; архитектура на потреба, наместо архитектура на егото.
Разурнувачките земјотреси во Јапонија, Турција и Индија го инспирирале Шигеру Бан да дизајнира цевки од хартија кои лесно се монтираат. За жрвтите куќите изградени од ваков материјал обезбедуваат сигурност и цврстина при итно сместување, наместо неиздржливи шатори. Воедно елиминирана е и потребата за дрвосеча потребна за градење, а од моментот кога повеќе нема да бидат потребни куќите, хартијата може да се рециклира.