Мери Бошкова почина во Скопје, непосредно пред нејзиниот 90. роденден.
Беше родена во Битола, на 2 мај 1924 година. Глумеше во првиот македонски долгометражен филм „Фросина“ (1952), како и во првата македонска филмска комедија „Мирно Лето“ (1961).
Нејзина последна улога беше во филмот на Димитрие Османли, „Ангели на отпад“.
Бошкова се памети по улогата на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ, „Госпоѓа Министерка“ која ја играше на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. Нејзината креација на Живка се вбројува меѓу најдобрите улоги на југословенската сцена.
Беше Дездемона на Шекспир, Бароницата Кастели во „Господа Глембаеви“, „Нора“ од Ибзен.
Освен во театарот, таа глумеше и во радио-драмите и на телевизија.
Добитничка е на најголемите признанија: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Живка во претставата Госпоѓа министерка (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989); Награда на ревијата Екран за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот Ангели на отпад, во режија на Димитрие Османли (1995).
Има глумено во Драмата на Народно позориште во Белград каде што се прославува со „Коштана” од Б. Станковиќ, „Тетовирана ружа ” – од Т. Вилијамс и др.
Погребот ќе биде извршен утре, на 27 март, на Светскиот ден на театарот.