Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен откри дека Европската унија ја постигнала целта за имунизација против коронавирусот, односно до крајот на јули со најмалку една доза вакцина да бидат вакцинирани 70% од сите полнолетни граѓани на Унијата.
Фон дер Лајен ја поздрави програмата за вакцинација, велејќи дека 57% од полнолетните Европејци сега се целосно вакцинирани и дека овие бројки ја ставаат Европа „меѓу светските лидери“ кога станува збор за процесот на имунизација против коронавирусот.
Таа исто така истакна дека процесот за достигнување на целта бил успешен, но предупреди дека треба да се продолжат напорите за вакцинирање на што повеќе луѓе.
Фон дер Лајен додаде дека индиската мутација е многу опасна и ги повика сите оние кои имаат можност да се вакцинираат за заштита на сопственото здравје и да ги заштитат другите. Таа увери дека ЕУ ќе продолжи да снабдува со потребните количини вакцини за оваа намена.