Видео есејот „Hollow Land“ (или Пустелија) од Јане Чаловски ќе биде претставено во рамки на Хелсиншкото биенале за фотографија 2014 година. Есејот на Чаловски е изработен во 2010 година.
Биеналето, кое ќе се одржи во периодот од 27 март до 14 мај, 2014 година, во Хелсинки, вклучува серија од настани од областа на современата уметност кои се во релација со фотографијата. Организатори на биеналето се Union of Artist Photographers / Photographic Gallery Hippolyte во соработка со The Finnish Museum of Photography.
Куратори на овогодинешното издание се Башак Шенова од Турција, Асоцијацијата Мустаринда од Финска и Бранко Франчески од Хрватска, во чиј фокус на интереси се прашања поврзани со социо-екологијата и политиката.
Во овој контекст, кураторскиот проект на Башак Шенова насловен Ecological Fallacy (Еколошка заблуда) се осврнува на еколошките заблуди во статистиката, односно логичните грешки или погрешни претпоставки во толкувањето на статистичките податоци. Изложбената поставка Ecological Fallacy вклучува 19 проекти од уметници од целиот свет.
„Hollow Land“ е видео есеј за Ајбург, нов градски дистрикт во Амстердам, изграден на неприроден остров и во кој идејата за зедница е предвидена да се развива на основ на капиталистичките потреби на новите жители занемарувајки го социјалниот и културниот аспект.
„На места без историја, што е она што го паметиме?“ е главното прашање кое го поставува авторот. Проектот, кој во интервали е работен во периодот од 2006 до 2009 година, поседува силен перформативен карактер, структуриран како истражување од областа на пишувањето, изведувачките практики и филмот, во различни форми и контексти.
„Hollow Land“ е проект кој досега бил преставен во Амстердам, Виена, Каиро, Син ел Фин (Либија), Белград и Скопје, а е развиен за време на истражувачкиот престој на Јане Чаловски на Сина куќа во Ајбург, и инициран од Жан ван Хесвијк.