АНБ и МВР прават безбедносни проверки на имињата кои се на листите. Од безбедносни причини имињата на сместувачките објекти не се откриваат.
Се чекаат секој момент, но никој не знае кога навистина ќе стигне првиот лет со граѓаните од Авганистан кои треба да добијат привремен престој во Северна Македонија.
– Не знаеме кога ќе пристигнат. Требаше првата група да стигне уште минатата недела, но работите зависат од состојбите на аеродромот во Кабул и од организацијата на летовите. Ние сме подготвени, кога и да стигнат, велат од Владата за Дојче Веле.
За граѓаните што ќе пристигнат од Авганистан веќе се обезбедени сместувачки капацитети на периферијата на Скопје. Од безбедносни причини имињата на објектите не се откриваат. Тие заедно имаат капацитет да ја примат бројката на која се обврза Владата – 650 лица, а доколку има потреба, ќе се искористат и понудите на други објекти.