Агенцијата за Национална Безбедност е целосно вклучена во безбедносните проверки на лицата кои наоѓаат прибежиште во Република Северна Македонија при бегството од Талибанскиот режим во Авганистан, брифира Директорот на Агенцијата за Национална Безбедност , Виктор Димовски. За лицата кои се упатуваат и во други земји, како и во Македонија , има и претходно добиени податоци но и податоци до кои доаѓаат со проверките што ги прават националните служби. Лицата се соодветно третирани од аспект на нивниот статус на лица со привремен престој и статус на лице кое транзитира и на кои засега им се даваат три месечни визи за престој, пред упатување во САД и трети земји.
На прашање за тоа дали постојат безбедносни ризици по бегалците од страна на лицата од Македонија кои биле дел од странски војски, Димовски нагласи дека околу 130 лица од земјава се вклучиле во редовите на странските боишта, дека шеесетина се вратени во Македонија и сите се кривично правно процесуирани.
-Дел од македонските државјани кои учествувале во странски војски се наоѓаат во логорите-затвори на Блискиот Исток. Што се однесува до членовите од нивните семејства жени и деца кои се вратени овде , тие се подложени на програми за ресоцијализација. Потенцијална можност од безбедносна закана постои, но сите тие се предмет на наш посебен интерес, вели Директорот на АНБ, Димовски.
И во овој дел Димовски ја оцени како одлична соработката со МВР, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Оперативно Техничката Агенција како и со воената служба за безбедност.
М. Трпческа