Бугарија го размонтира првиот спој на цевки за гасоводот Јужен тек, кој поминува низ оваа земја.
Како што објавуваат бугарските медиуми „тоа се случи откако Европскиот парламент одлучи дека проектот Јужен тек не треба да се имплементира“.
Првата траса, како симбол на почетокот на гасоводот низ Бугарија започна да се гради во октомври 2013. година, а на отворањето присуствуваа и претставници на Гаспром.
Европскиот парламент денеска треба да ја разгледа резолуцијата со која би се прекинала имплементацијата на Јужен тек.
Европарламентарците бараат санкции од ЕУ против руските енергетски фирми.
Европската унија треба да таргетира санкции за Руси-индивидуалци и да биде подготвена да наметне економски санкции за Русија итно, велат Европарламентарците. Тие бараат мерки од ЕУ против руските фирми и нивните подружници, особено во енергетскиот сектор.
Парламентот е длабоко загрижен за влошувањето на ситуацијата и крвопролевањата на источниот дел и јужниот дел во Украина.
Оттаму ја повикуваат Русија под итно да ја стопира поддршката на насилните сепаратисти предводени од руските специјални сили, и да ги отстрани трупите од источната граница на Украина.
Украинските власти имаат право да ги преземат сите неопходни мерки, вклучувајќи и само-одбрана под поглавјето на ОН, велат европратениците, кои ја предупредуваат Русија да не презема воени акции во Украина.
Европарламентарците се надеваат дека состанокот во Женева ќе придонесе за дипломатско решавање на кризата во земјата. Сепак истакнуваат дека, иднината на Украина зависи од нејзиниот народ, преку демократски, инклузивен и транспарентен процес.
Парламентот ја поздравува намерата на украинската владата за одржување на предвремени парламентарни избори.