Две лица од исто семејство починале откако конзумирале лубеница третирана со инсектицид во Москва, објави БГНЕС, повикувајќи се на Газета.ру.
15-годишно девојче и нејзината 61-годишна баба починале во болница, а мајката (38) останува во одделот за интензивна нега во московската болница.
Инцидентот се случил на 9 септември, но дури сега истражителите ја откриваат причината за труењето.
Семејството ја купило лубеницата од локален маркет на голем трговски ланец. Истрагата утврдила дека вработен во компанија за дезинфекција и дезинсекција ненамерно испрскал лубеници додека нанесувал средство против лебарки. Плодовите биле чувани веднаш над подот, со што се прекршени правилата на продавницата.
Лицето што го вршело прскањето е уапсено и се соочува со затворска казна до десет години. Тој ја користел опасната супстанција цихалотрин, а според менаџерот на маркетот, примероците од прсканите лубеници покажале дека „тие се многу поотровни од препаратот на подот“. Истрагата за случајот продолжува.