Предлогот на МНР поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи Љубомир Фрчкоски, да биде амбасадор во Обединетите Нации во Њујорк – веќе е во Собрание, потврди спикерот Талат Џафери.
Тој не прецизираше кога предлогот е доставен.
– Решението за амбасадор во ООН е во групата политички именувања во рамки на законски дозволената квота, согласно законот за надворешни работи – изјавиле од МНР за Канал 5.
Надлежноста за формалната процедура сега е во рацете на Антонио Милошоски, кој претседава со Комисијата за надворешни работи, но досега закажана седница за презентирање на тезите нема. На брифинг со новинарите, Џафери рече дека е нелогично да се кочи процедура во која пратениците не гласаат, и прашува дали застојот во работата на оваа комисија е партиска или лична одлука на Милошоски.
– Седницата се уште не е свикана, иако материјалите претходно се добиени и доставени до претседателот на комисијата . Во моментот кога ќе се свика седницата и ќе се презентираат тезите, ќе се исполнат предулсовите формално да отпатува и овој амбасадор. Не е тајна, кандидат за амбасадор во ОН е проф. Љубомир Фрчкоски, потврди Џафери.
Постапките за именување на нови амбасадори во Собранието веќе подолг период се во застој, а собранискиот спикер, Џафери, предлага нов Деловник со кој ќе се утврди што да се прави доколку претседателите на комисиите одбиваат да свикаат седница и ги пробиваат роковите.