Набрзо, истото ќе можат да го направат и за изводите од кривична евиденција. Се работи на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна, рече Маричиќ
Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата , на која се обратија и премиерот Зоран Заев и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, изрази задоволство од првите резултати од макотрпната работа на овој исклучително важен процес – системска дигитализација на судството.
– Од денес на граѓаните ќе им бидат потребни буквално неколку минути да добијат уверение од казнена евиденција. Набрзо, истото ќе можат да го направат и за изводите од кривична евиденција. Се работи на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Начинот е брз, а процедурата едноставна и сигурна. Анализите покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија заштедите на судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси и хартија. Токму затоа дигитализацијата има и еколошка димензија, а во светот овие процеси се дел од таканаречена зелена-дигитална трансформација на општествата“, истакна министерот за правда Маричиќ.
Тој подвлече дека дигитализацијата на судството е само почеток на процесот на осовременување на услугите кон граѓаните по што ќе следува вградување на современа информатичка технологија во сите 34 судови во земјава со што ќе се обезбеди и судење на далечина, но и ќе се овозможува видеозапис од судењата.
„За успешноста на овој процес сакам јавно да се заблагодарам на Врховниот суд и Министерството за информатичко општество, а ќе ја продолжиме соработката и со нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави кои дадоа голема поддршка за процесот за дигитализација на судниците ширум земјата но и со ОБСЕ и Норвешката влада“, подвлече министерот за правда Маричиќ.
Судијата Нанев, како претседател на работната група за дигитализација на судството, истакна дека дигиталните услуги за издавање на уверенија се однесуваат на физички и на правни лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривични и прекршочни предмети.
„Услугата овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежна картичка и електронско добивање на уверението во ПДФ формат со бар код – сертификат што подразбира поврзување на документот со електронски потпис и електронски печат на судот издавач на документот со кој се потврдува веродостојноста на документот. Користењето на дигиталната услуга е едноставно, брзо и лесно. Корисникот преку националниот портал за услуги се најавува со корисничко име креирано за добивање и користење на услугите на УЈП“, појасни Нанев.