НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.
Душко Весковски е кандидат за градоначалник на Карпош, од СДСМ. Честа и задоволството да бидете на чело на општината во која сте растеле, живееле и се уште живеете е голема, вели тој. Четиригодишното директорување во „Водовод и Канализација“ смета е одлична основа за раководење и со општината, доколку ја добие поддршката од карпошани. Се радува на можноста Карпош да ја направи смарт општина и да го конципира големиот зелен парк во Карпош 4. Омилена му е книгата „Ветената земја“ од Барак Обама, музиката на Оливер Драгоевиќ, филмот „Животот е убав“, Роберто Бенињи, страствен навивач на Милан. Негово животно мото е „Секогаш посакувајте ги невозможните работи, за да се остварат возможните“
НоваТВ: Кога решивте да се кандидирате за градоначалник, зошто изборот „падна “ точно на Карпош, колку ви значи поддршката од партијата во услови кога и претходникот беше од истите редови?
Одлуката за мојата кандидатура за градоначалник на Карпош беше усвоена од страна на органите на партијата, врз основа на внатрепартиски анкети, по претходно поднесен предлог за моја кандидатура од членови во општинските организации. Јас го прифатив предизвикот да бидам кандидат за градоначалник на општина Карпош, бидејќи честа и задоволството да бидете на чело на општината во која сте растеле, живееле и се уште живеете е голема. Можноста да направите позитивни промени за себе и за сите други жители на вашата општина е навистина голема привилегија, но и предизвик. Стефан Богоев, мојот сопартиец, започна и реализираше многу проекти значајни за граѓаните на општина Карпош. Тој беше на чело на општината во еден кризен период не само за општините, државата туку и за светот воопшто, период на пандемија, период во кој најголемиот фокус се стави на индивуалното и јавното здравје. Исто така тој имаше многу тешка задача, да води Општина со огромен долг, оставен во наследство од претходната владејачка гарнитура, на чело со Стевчо Јакимовски. Тој, а и СДСМ како партија значително го намалија долгот, направен и оставен од Стевчо Јакимовски и континуирано работеа во насока на застанување на Општината на здрава нога. Поддршката од партијата, поддршката од Стефан Богоев, но најмногу поддршката и довербата од сите граѓани на Карпош, ми се од големо значење, за заеднички да продолжиме со реализација на останатите проекти, но и на многу нови, со цел најдоброто за Карпош.
НоваТВ: Весковски што ве мотивира да ја напуштите директорската позиција во „Водовод и канализација “ и да се обидете во локалната самоуправа?
Искуството и успесите постигнати во ЈП Водовод и канализација – Скопје, се повеќе од доволен мотив сето тоа да го пренесеме и на друго поле, односно во локалната самоуправа, овојпат на чело на Општина Карпош. Еланот, позитивната енергија, идеите за подобрување на сите општински процеси, се повеќе од вредни да бидат пренесени во Општина Карпош. Искрено сум многу задоволен од четиригодишното управување на ЈП Водовод и канализација – Скопје, имајќи го предвид напредокот кој се постигна преку реализација на голем број проекти и активности со кои се унапредија сите работни процеси во претпријатието, но и услугите достапни за граѓаните. Како најзначаен проект го издвојувам еколошки капиталниот проект за изградба на пречистителната станица за отпадни води – Скопје, проект чија вредност е проценета на 136 милиони евра. Исто така од голема важност е напредокот на Секторот за санитарна контрола, во чии рамки функционираат хемиска и микробиолошка лабораторија, а од неодамна и лабораторија за молекуларна биологија во која се применува ПЦР техника за спроведување на анализи за квалитетот на водата за пиење. Потоа следуваат инвестициите во водоводната и канализационата мрежа, дигитализацијата на процесите, електронските услуги достапни за граѓаните, инвестициите во механизацијата за зголемување на ефектиноста и мобилноста. Не би ги изоставил и проектите за заштита на животната средина, воведувањето на употреба на биоразградлива рециклирана хартија за печатење на сметките и секако соработките со разни чинители во општеството со што ЈП Водовод и канализација – Скопје, стана првото јавното претпријатие кое започна да делува и во полето на општествената одговорност.
НоваТВ: Во Карпош се тркаат 6 кандидати. Дали ве „плаши“ бројноста или ја сметате за предност ?
Конкуренцијата е здрава, а меѓу другото и мотивирачка за да го извлечете најдоброто од себе, од тимот за најдоброто за Карпош. Според анкетата на Рејтинг, јас како кандидат за градоначалник на Општина Карпош од редовите на СДСМ и Коалицијата, сум во убедливо водство од над 10 отсто пред останатите кандидати од другите партии. Да бидете прв во повеќебројна конкуренција и да ја добиете довербата на граѓаните, е секако предност. Воопшто не ме плаши бројноста, туку спротивното, ме мотивира.
НоваТВ: Што е она што прво би го направиле за Карпош. Во програмата имате доста проекти, сепак, кои ви се најомилени?
Јас повеќе би рекол, најпотребни. Големиот парк е наш прв проект кој ќе биде реализиран до 2022 на површина од 60 000 м2. Тоа што мора задолжително да се направи е изградба на големиот зелен парк спроти Карпош 4, тој дел да го добие најдоброто – зеленило на голема површина, детски катчиња, место за уживање на сите генерации. Реализацијата на проектот за салата „Партизан“ е отпочната, добиена е дозвола за градба, на 07.10.2021 се отвораат понудите од јавната постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на салата Партизан во Карпош 4, со 80 милиони денари, пари обезбедени од државната сметка на Владата,. Општината немаше средства сама да го изгради. Дополнителни 40 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на спортски базен. Овој спортски центар повторно ќе го вратиме на карпошани. Ветувањата кои ги имавме пред четири години за овој центар беа заглавени со правната процедура каде имаше приватен инвеститор, а подоцна успеавме да ја вратиме во државна сопственост.Нашиот пристап е реален и искрен и во согласност со потребите на граѓаните на општина Карпош. Нашата програма е синтеза на реалните барања на карпошани, нивните потреби. Фокусот е ставен на политики и проекти во неколку категории: заштита на животната средина, детска заштита, образование и култура, економија и инфраструктура, спорт и спортски активности, дигитализација и развој на „Паметна општина“ и односи меѓу заедниците. Главните проекти понудени во програмата се однесуваат на решавање на проблемите со паркирање во Лептокарија, Карпош 1, 2, 3 и 4, кај Млечен, во Влае. Потоа изградба на голем зелен парк спроти Карпош 4, изградба на најмалку две нови градинки и обнова на постојните капацитети, дисперзирање и планска урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци. Враќање на блоковското зеленило во општината, обезбедување на еднакви можности и услови за младите генерации, проекти за родова еднаквост, вклучување на ветераните во креирањето на општинските политики, соработка со бизнис заедницата преку проектот „Бизнис од Карпош, за Карпош“, отворање на „Младински центар“ во рамки на библиотеката „Другарче“ и уште многу други проекти за најдоброто за Карпош.
НоваТВ: Што е она што најмногу ви пречи во општината?
Тоа што им пречи на сите жители на Карпош, ми пречи и мене – проблемот со хигиената, проблемот со паркирањето, недостатокот на градинки за згрижување на најмладите. Сакам повеќе зеленило, сакам осветлени улици, сакам сите да се гордееме што живееме во Карпош. Сакам да го вратам чувстувото на граѓаните повторно да бидат горди што живеат во Карпош и убаво е кога се чувствува стариот дух, традицијата, како и новите современи текови кои му се случуваат на Карпош.
НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?
Непосреден, комуникативен, реален и искрен во пристапот и комуникацијата, делам критики, но и ги прифаќам истите, особено од најблиските, кои добро ме познаваат, сакам добро друштво, добар разговор, разменување на идеи, отворен за соработка и пред се’ човек. Моето хоби е возење велосипед. Мојата омилена книга е „Ветената земја“, Барак Обама, обожувам да ја слушам музиката на Оливер Драгоевиќ и мојот омилен филм е „Животот е убав“, Роберто Бенињи. И да, страствен навивач сум на Милан. Секогаш посакувајте ги невозможните работи, за да се остварат возможните. Секогаш задавајте си малку повисоки цели…Но едно е сигурно! Со работа и посветеност можат да се постигнат многу нешта и менувајте го светот околу вас со мали нешта.
М.Т.