Кабинетот на претседателот на Република Македонија денеска ги сподели со јавноста и првите честитки кои стигнаа на адресата на Ѓорѓе Иванов по неговата инаугурација која се случи вчера.
Реториката во честитките од неговите колеги низ светот од претседателот Ѓорѓе Иванов ги отсликуваат и различните односи помеѓу државите, како и природата на лидерството на оние кои му честитаат.
Па така, од претседателот на Руската федерација Владимир Путин пристигна честитка во која во која челно место има зборот „авторитет“, а се споменуваат и резултатите од гласањето.
„Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин.
Различна е честитката од претседателот на Европската унија, Жозе Мануел Баросо во која тој не испушта да го „потсети“ Иванов на она што е клучно за комисијата во процесот на влез во европското семјество.
„Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење. Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани“, стои во писмото од Баросо.
Во сличен дух е честитката од претседателот на Германија, г-нот Јоахим Гаук. „Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат“, стои во честитката од претседателот Гаук.
Ниту бугарскиот колега не „пропуштил“ да го потсети Иванов на потребата од подобрување на добрососедските односи помеѓу двете земји.
„Убеден сум дека односите на нашите две земји треба да се развиваат врз основите на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка“, пишува претседателот Плевнелиев.
Честитки од Иванов пристигнаа од многу колеги меѓу кои хрватскиот, чешкиот, полскиот, литванскиот, словенечнкиот, српскиот и други.