Наводно, вработен во Агенцијата за национална безбедност во 2019 година, во сојузништво со поранешен обвинет, па амнестиран за ,,крвавиот четврток “, уценувале сопственик на градежна фирма. Доцна попладне уапсени се двајцата, по наредба на скопското јавно обвинителство, дознава НОВА од извори во Обвинителството.
Според нашиот извор, случајот во полиција го пријавил бизнисменот на кого агентот од АНБ му барал 5000 евра да му помогне да се затвори истрага која наводно се водела за неговата градежна фирма.
Парите бизнисменот требало да ги предаде на вториот осомничен, кој веќе има кривично досие. Со форензички обработени пари бизнисменот се појавил на договореното место во еден ресторан во Скопје и ги предал парите на лицето со кривично досие,по што се случило апсењето.
Од МВР за НОВА потврдија за акцијата, повеќе детали во оваа фаза од постапката не објавуваат. Дел од медиумите објавија дека случајот го води Обвинителството за организиран криминал и корупција, од каде наводно имало наредба за заплена на компјутери од АНБ.
НОВА попладнево стапи во контакт со обвинителката Вилма Русковска шефица на ова обвинителство, која во телефонски разговор ни посочи дека од Организиран ниту има наредба за заплена на компјутери од АНБ ниту дека го водат овој случај.