Данела Арсовска од денеска и официјално е новиот градоначалник на Скопје и прва жена која ќе го раководи главниот град од осамостојувањето на државата.
– Јас очекувам дека бргу ќе се запознае со проблематиката во градот која е комплексна во многу сфери, меѓутоа екипата што остана овде е сериозно професионална и очекувам дека ќе и помогнат да има успешна работа, рече досегашниот градоначалник Петре Шилегов.
– Драги скопјани, денеска го отпочнувам својот четиригодишен мандат како ваш градоначалник, во градот Скопје. Она што е навистина важно е дека заедно, уште од првиот ден отпочнуваме со јасно, транспарентно, вредно, чесно и посветено да работиме на сите оние проекти, кои беа во визијата и во програмата за модерно и европско Скопје. Но, уште поважно е дека од денес, од првиот ден на мојот мандат како градоначалник на Град Скопје, започнуваме со реализација на сите оние проекти предвидени за реализација во првите 82 дена, рече Арсовска.
На локалните избори 2021, Арсовска како независен кандидат победи со 28.130 гласа предност пред Шилегов.