Во четврток во Скопје доаѓа првиот човек на Европската енергетска заедница Јанез Копач, дознава ТВ 24.
Првиот човек на ЕЕЗ Копач, ќе оствари средби со енергетските власти во земјава, а со претседателот на Регулаторна комисија, Марко Бислимовски предвидена е заедничка прес конференција.
Копач доаѓа во Македонија два дена откако владата прогласи 30 дневна кризна енергетска состојба и одлучи да вбризга 65 милиони евра во енергетските компании.
Инаку, инцидентите и хавариите во електроенергетските капацитети никој не може да ги предвиди, но тие не треба да бидат изненадување ако се земе предвид дека гаранциите на производителите се 35 години, а во земјава се произведува електрична енергија во капацитети стари 40 години, изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
– Се вложува во нив, се инвестира, но не можеме да ги форсираме како што се форсирале во 2011, 2001, 1991 година. Во енергетиката 10 години е далеку, истрошеноста на материјалите е голема. По логиката на нештата, од технички аспект, РЕК „Битола“ требаше да биде затворена 2015 или 2017 година, рече Ковачевски при гостувањето во Топ тема на Телма.
Тој нагласи дека се исклучува човечки фактор или саботажа за дефектот во РЕК „Битола“, како што шпекулираа некои медиумите, додавајќи дека трансформаторот е стар и е нормално да не е во добра состојба.
Ковачевски додаде дека во моментов функционираат првиот блок на РЕК „Битола“, Когенеративната гасна електрана во Скопје, хидропотенцијалот и ветерниот пат во Богданци, додека надвор од употреба се блоковите 2 и 3 во РЕК „Битола“.
– Блок 2 е во сервисни активности и се очекува до крајот на неделата да биде ставен во функција. Во Блок 3 се работи на изгорениот трансформатор, екипите даваат позитивни сигнали, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека поради хаваријата во РЕК „Битола“, морале да набават струја по „хупекс“ цена или во спротивно ќе биле принудени неа да ја обезбедат преку европскиот систем за 50 проценти поскапо.
– Имаме закупено капацитети до 21 ноември, онолку колку што треба. Во недела, на 14 или 15, недела спрема понеделник, Блокот 2 ќе биде во функција и очекувам дека со двата блока ќе ги задоволиме најголемиот дел од потребите на „ЕВН хоум“. На 1 декември ќе стартува и нашиот трет капацитет, а тоа е Осломеј, посочи Ковачевски.