Секоја четврта жена или девојка отсуствувала од работа заради менструална болка. Секоја трета ученичка пак, отсуствувала од училиште заради менструација, додека пак 57% од оние кои отсуствувале одговориле дека вообичаено отсуствуваат еден ден во месецот, а нешто повеќе од секоја петта отсуствува два дена во месецот. Ако учебната година трае девет месеци ова значи дека во текот на своето четиригодишно средно образование ученичките губат во просек по 36 училишни денови или еден месец образование заради менструација.
Овие статистики се дел од сеопфатната студија за менструална правда спроведена од Здружението на граѓани за промоција на женска активност Тиииит!Инк. и „Реактор-истражување во акција.“ а во истата учество земале 2.696 жени и девојки.
- Колку чини менструалното здравје?
Според податоците од истражувањето, секоја жена троши по 265 денари месечно за средства за менструална хигиена. Оттаму, за една година жените трошат по 3.186 денари на менструални производи. Ако репродуктивниот период на жената во просек трае од 12 до 52 години, тогаш 127.459 денари е просекот на парични средства кои жените го трошат за менструални производи во текот на својот живот.
Месечно за лекарства против менструална болка една жена троши по 150 денари. Во текот на целата година една жена во просек троши по 1.802 денари на лекарства против менструална болка, додека во текот на целокупниот репродуктивен живот просекот на средства за лекарства против менструална болка изнесува 72.110 денари.
Според истражувањето, една жена во просек троши по 199.569 денари во текот на својот репродуктивен живот на менструални производи и лекарства против менструална болка.
- Колку би ја чинело државата да обезбеди бесплатни производи за менструација во училиштата?
Според студијата, за да се обезбедат производи за сите ученички од основно и средно образование за еден месец потребни се 17.106.618 денари, додека за една година потребни се 205.279.415 денари. за илустрација, годишните трошоци за обезбедување на менструални производи претставуваат 0,08% од вкупните расходи планирани во Буџетот на РСМ за 2021 година. многу е важно да се нагласи дека пресметките изразуваат „максималистичко“ сценарио што зема предвид просек базиран на куповната цена на производите, без нинакви ослободувања или повластувања, стои во студијата.
Освен енормно големите трошоци на кои се изложени жените во својот репродуктивен живот, дури 71% од испитаничките не се запознаени со концептот менструална сиромаштија. Ова е алармантен наод ако се има предвид дека прашалникот доминантно се состои од млади, високообразовани жени и девојки. Она што донекаде охрабрува е дека последователното отворено прашање дел интуитивно го објаснуваат концептот што укажува дека постои свесност за „цената“ на менструалното здравје и фактот дека дел од жените и девојките можат да си дозволат достоинствена менструална хигиена, се вели во студијата.
Повеќе од половина од испитаничките одговориле дека кога ја добиле првата менструација се чувствувале збунето, секоја трета се чувствувала уплашено, а секоја четврта засрамено. Приближно петтина одговориле дека криеле извесен период дека имаат добиено менструација.
„Не сакав да се помирам дека ќе се случува секој месец, со години.“
„Мислев дека сум болна. Очекував да е сина, како на рекламите за влошки.“
„Си помислив дали цел живот ќе треба да трпам вакви болки секој месец.“,
се дел од одговорите на испитаничките во однос на првата менструација.
Целокупниот проект и студија за менструална правда е поддржан од Цивика мобилитас и ФРИДА – фондот за млади феминистки.
Марија Поповска