Кампањата „Слушни ме!“ успешно им даде слух на институциите и локалните самоуправи за потребите на младите во локалните заедници. Станува збор за кампања која се појави непосредно со отпочнувањето на локалните избори, сè со цел да ги охрабри младите луѓе активно да партиципираат во креирањето на политиките и да се изборат за своите приоритети. Во фокусот на кампањата беа млади луѓе од шест општини на територија на Македонија и тоа Карбинци, Куманово, Липково, Теарце, Тетово и Штип кои преку виртуелно гласање имаа можност да изберат што е она што најмногу им недостасува во локалните заедници и што би сакале да се подобри во нивното секојдневие.
„Кога се креираше кампањата сакавме да погледнеме малку подалеку од главниот град и да поттикнеме дискусија за потребите на младите и во другите средини. Внимававме да не биде фокусот само на урбаните средини, туку да се чуе и гласот на младите кои живеат во рурални општини. Ги прашавме младите што им треба, ги собравме идеите во форма на конкретни предлози и ги ставивме на гласање. Изненадувачки или не, откривме дека младите од различни општини имаат слични проблеми.“, велат од иницијативата „Слушни ме!“ за Нова ТВ.
На гласањето за предлози за локални решенија учество земале 1.200 лица, што како што велат од самата кампања, претставува значајна бројка на гласови и покажува дека младите знаат да ги поддржат ваквите иницијативи.
Иако од различни општини, младите вклучени во оваа кампања имаат слични потреби. Повеќенаменски простор за културни и кино настани, отворање на младински центри, подобар и подостапен јавен превоз, паркови и простори за рекреација се само дел од барањата на младите од овие шест општини.
„Имаше и идеи кои беа специфични само за некои општини – како отворање на читални и библиотеки (во Теарце и Тетово), подобро улично осветлување (Штип и Карбинци), велосипедски патеки и слично.“, дополнуваат од „Слушни ме!“.
Предлозите на младите активно се презентираат пред градоначалниците на општините и како што велат од „Слушни ме!“ наидуваат на позитивни реакции.
„Во Куманово овие идеи се дискутираа на дебата со кандидатите за градоначалници. Во Штип и во Теарце организиравме дебати со градоначалниците и дел од советниците, на кои тие дискутираа за предлозите, ги посочија оние кои се вклопуваат во нивната програма и воспоставија дијалог со младите. Во останатите општини ги презентираме идеите директно на состаноци. Се надеваме дека овој позитивен фидбек ќе продолжи и дека градоначалниците ќе успеат да реализираат дел од младинските препораки и да ја подобрат општината за своите млади граѓани.“, велат од иницијативата „Слушни ме!“.
Она што е значајно е дека оваа кампања укажува на свесноста на младите во препознавањето на проблеми и понуда на соодветни решенија. Освен тоа, како што велат од иницијативата „Слушни ме!“ проблемите кои младите настојуваат да бидат решени нема да го подобрат само нивниот, туку и животот на сите граѓани од локалната заедница.
Кампањата „Слушни ме!“ е дел од проектот Иницијативата за демократија на Западен Балкан, а ја спроведува Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ – Штип), Центар за едукација и развој – Теарце (ЦЕД – Теарце) и Центар за интеркултурен дијалог – Куманово (ЦИД – Куманово).
Марија Поповска