Во Домот на културата „Кочо Рацин“ (Дом на градежниците) во Скопје,утре (среда, 28.5.2014 г.), со почеток во 19:30 часот, ќе биде промовирана новата стихозбирка од поетот Владимир Илиевски, насловена „Лични податоци“, која неодамна ја објави издавачката куќа „Македоника литера“.
Книгата ќе ја претстави поетот и книжевен критичар Јовица Тасевски-Етернијан, свое обраќање ќе има и Нове Цветаноски, уредник на издавачката куќа „Македоника литера“, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Владо Јовановски.
Владимир Илиевски е роден 1970 година во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Магистрирал на истиот факултет. Автор е на шест поетски книги, една книжевно-научна студија и коавтор е на две детски сликовници.
За новата стихозбирка на овој автор, издавачот истакнува: „Оваа книга на Владимир Илиевски претставува провокативно, свежо и, пред се, привлечно поетско дело“.