Веројатно нема скопјанец кому не му се познати белите кули на почетокот на Капиштец кај новиот Цветен пазар. Од едната страна гледаат на улицата „Народен фронт“, а од другата страна гледаат на улицата „Васил Ѓоргов“ токму спроти Дирекцијата на Жито Лукс или, улицата која води и на која се наоѓа Заводот за вработување.
Васил Ѓоргов, иако мала, сепак е поприлично прометна сообраќајница долж Капиштец. А Капиштец, пак, е една од скопските населби кои некако, иако не докрај успешно, сепак успеваа да остварат барем елементарен раат од скопската градежна и урбана мафија. Се разбира, далеку е Капиштец од секаква идеја за тоа како граѓанинот може и треба да функционира инфраструктурно во заедницата во која живее, ама, сепак, не им се случуваше дебармаалскиот ужас каде што на секое ќоше и тротарче никнува зграда. Или, барем не досега.
И како што бидува по „скопски“, кому му е гајле за раатот и животот а граѓаните на овој град. Па, така, една тазе глетка во Капиштец, на улицата „Васил Ѓоргов“ навестува дека во овој град навистина ништо не е свето, а најмалку правата на граѓаните. Не требаат многу зборови да се опише самоволието и насилството кое врз скопјани секојдневно го вршат разноразни мали групи на луѓе од интерес.
Жителите на белите згради очигледно дека ќе добијат толку блиски соседи што ќе може комотно да се посетуваат едни со други со префлање преку прозорец или балкон, а инфраструктурата ќе биде исклучително погодна за потенцијалните кратци
Поглед од другата страна – чисто да се добие претстава за просторот. Се разбира, градежните работи се одвиваат глатко по цел ден, без воопшто некој да се заморува со почитување на правилникот за бучава
Се разбира, забелешките на адреса на бучавата и било какви прашања врзани со животната средина би можеле да сфатат како големо претерување и досадување од страна на граѓаните само ако се фрли еден поглед на тротоарот. Односно, на тротоарот кој веќе не е во функција. Иако, рака на срце, би требало да сме среќни ако улицата не се урниса сосе тротоар
Овие импровизирани столбови поставени на самата улицат се заврзани со некакви жици и веројатно задачата им е да го „држат“ тротоаров да не пропадне целосно. Бидејќи истиот веќе пропаѓа поради големата ископана дупка каде што инвеститорот си става темели за својата зграда
Поглед од внатрешната страна. Или „по работ на тротоарот“. Од оваа страна се другите краеви на металните жици кои би требало да го „држат“ тротораов, а веројатно и улицата. Не би сакале да си ги замислуваме сценаријата на поплави и дали по нив воопшто и би останале улица и тротоар.
Од рабовите на тротоарот или она што некогаш беше тоа може да се види ископаната дупка
Проценката на инвеститорот е дека веројатно граѓаниве можат да преживеат пар недели без тротоар, а богами отишле и троа подалеку од тоа, па сега и на автомобилите им скратиле делче од улицата. Сето тоа уредно „регулирано“ со знак „стоп“
Од општина Центар кусо одговорија дека инвеститорот добил дозвола за време на претходната локална власт. Спокојно си гради, смее дури и тротоарот да го урне и да ја загрози безбедноста на сите околу, а за тоа како воопшто овде некој можел и смеел да предвиди зграда веројатно е излишно и да се прашува.. Е па нека му е на здравје на „Компани Јакимовски“, ова е едноставно негово време, а нештата како „надзор“, „контрола“, „инспекција“ и слични ирелевантни поими ќе ги оставиме за друго време.