Околу илјада рудари од рудниците Тораница и Злетово го стопираа производството и не влегоа во јамите. Рударите се револтирани што менаџментот на „Индо Минерали и Метали “навреме не им ги исплаќа платите и придонесите.
Штрајкот започнал синоќа, откако не било исполнето ветувањето дека парите ќе ги добијат до крајот на минатата недела.
Од менаџментот на компaнијата велат дека доцнењето на исплатата на платите е резултат на стопираната активност на рудниците
– Како резултат на екстремните дождови во текот на месец април и природата на подземните простори во рудникот Злетово компанијата „Индо Минерали и Метали“ главно водена од стандардите за безбедност при работа одлучи да ги суспендира подземните рударски активности во рудникот Добрево се до нормализирање на состојбата, се вели во одговорот на компанијата.
Компанијата „Индо Минерали и Метали“ осум години стопанисува со рудниците за олово и цинк Тораница и Злетово. Тоа е фирма со индиски капитал која е регистрирана во Лондон.
Ова не првпат рударите да штрајкуваат поради ненавремено исплаќање на платите. Поради утврдени неправилности опасни по безбедноста и здравјето на вработените, инспекторите ја казнија компанијата со сто илјади евра.