Автор: Михаил Мице Бошковски
Бени Гудман е славен американски џез музичар, кларинетист, композитор, аранжер, диригент и лидер на повеке биг бендови. Роден е на 30. 5. 1909 година во Чикаго како Бенџамин Гудман во скромно семејство на унгарски евреи кои емигрирале во Соединетите Американски Држави.
Со кларинетот се среќава на десет годишна возраст. По 5-6 години, како извонредно талентиран добива покана да му се придружи на оркестарот на Бен Полак, кој во тоа време се смета за лидер на еден од најдобрите биг бендови во Чикаго. Бени Гудман бргу напредува, па така во почетокот на 30-тите години формира свој оркестар со пијанистот Флечер Хендерсон кој ги пишувал аранжманите. Овој оркестар е значаен по неколку битни работи за американската музика воопшто.
Прво, во него за првпат заедно свиреле и белци и црнци, што до тогаш такво нешто било незамисливо. Второ, со формирањето на овој биг бенд настанува новиот музички правец наречен „Свинг“. И трето, без појавата на овој оркестар не би постоела „Ерата на биг бендовите“ карактеристична за 30-тите години на минатиот век. Понатамошната кариера на Бени Гудман е чиста историја на американскиот џез.
Од кларинетот не се одвојува се до крајот на животот. Умира од срцеви проблеми на 13. 6. 1986 година. По смртта неговата приватна колекција на објавени и необјавени снимки ја презема угледниот американски универзитет Јејл кој располага со десетици милиони библиотечни единици на книги, списанија, носачи на звук и друго.
Е, токму од таа колекција, по смртта на Бени Гудман се издадени повеќе дигитални изданија. На едно такво издание насловено како „The Yale University Music Library, Volume 1“, се наоѓа насловот „Macedonia Lullabay“, што всушност претставува обработка на македонската народна песна „Не си го продавај Кољо чифликот“.
Според сево ова, логично се поставува прашањето, како Бени Гудман успеал да дојде до еден ваков аранжман. Во штурите податоци за оваа снимка некаде може да се прочита името Gutesha, како еден од авторите.
За поупатените загатката е јасна, бидејки се работи за Mладен Гутеша. Кој е Младен Гутеша?
Младен Гутеша, или познат и како Боби Гутеша, е роден во Сараево на 16. 12. 1923 година. Студирал музика во Белград, а по Втората светска војна, во почетокот на 50-тите го раководел биг бендот на Радио Белград, кој во тоа време се викал „Плесни оркестар“ (за да не звучи проамерикански), исто како што во почетокот на 60-тите кога е формиран биг бендот на Радио Скопје се викал, а и ден денеска се употребува терминот „Танцов оркестар“, иако по својата структура се работи за класични биг бендови. Младен Гутеша бил сестран музичар.
Свирел тромбон, компонирал, аранжирал и особено бил посветен на џезот. Често како инспирација за своите композиции користел мотиви од балканскиот фолклор. А како џезот не била омилена музика на југословенските комунисти, Гутеша емигрирал во Германија каде што одлично се снашол и соработувал со навистина врвни европски и американски музичари (Кит Џерет, Јан Гарбарек, Мајлс Дејвис, „Модерн џез квартет“ и други), и имал свој оркестар. Така дошла и соработката со Бени Гудман, кој снимил повеке негови аранжмани, а еден е токму темата „Macedonia Lullabay“ („Приспивна за Македонија“).
Дека имал посебен афинитет кон македонскиот фолклор говори и податокот дека во 1971 година издал албум со македонски песни и танци. Кај нашата публика посебно е позната и многу слушана темата што Гутеша ја нарекол „Македонска суита“, а всушност се работи за народната песна „Билјана платно белеше“ снимена со ревискиот оркестар на Радио Белград. Оваа тема се смета за една од најубавите обработки на една македонска народна песна, а слушателите ја препознаваат како долгогодишна најавна шпица на емисиите посветени за нашите сонародници во странство, а во поново време „Глас од татковината“ на Радио Билјана.