Со 21 глас за и ниту еден против, беше разрешен претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, на продолжението од 15- тата седница. Иницијативата за одземање на неговиот мандат беше покрената од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на претходната седница, заради верификување на пратенички мандат на 10 мај.
Нов претседател на Советот е Јосиф Христов, досегашниот координатор на советничката група на СДСМ. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше исто така предложен координаторот Зоран Пакетов. Даскаловски се заблагодари на досегашната доверба и истакна дека е горд што до денеска го водел најдобриот Совет во Република Македонија.
„ Моето заминување не е по сопствена волја, туку е резултат на нефункционирањето на правото во оваа држава. Власта на Никола Груевски ги згази Уставот и законите и насилно ги верификуваше мандатите на пратениците на опозицијата, а со тоа го згази и со Устав загарантираното право на мојот и изборот на моите колеги. Но ова насилничко однесување на власта нема да не исплаши и предомисли. СДСМ останува на ставот за враќање на демократските институции и создавање на услови за одржување на фер и демократски избори на кои ќе се почитува волјата на граѓаните“, рече Даскаловски.
По разрешувањето од функцијата претседател, седницата ја водеше најстариот член на Советот Кирил Николов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се до моментот кога беше избран и новиот претседател на Советот на општина Струмица.