Автор: Михаил Мице Бошковски
Има повеќе личности во сферата на музиката, филмот, радиото и телевизијата кои во првата половина и средината на 20-от век, во САД па и во светски рамки, оставиле длабоки траги и секој од нив е заслужен и значаен на свој начин за развојот и популарноста на шоу бизнисот воопшто. Но, еден секако е меѓу најзначајните и најпопуларен како голема медиумска ѕвезда
– Бинг Крозби, пејач за кој се смета дека е основоположник на популарната музика во САД, кој ја надминал бројката од половина милијарда продадени грамофонски плочи, пејач кој само една песна продал во преку сто милиони примероци. Овие бројки, се релативни, a може да се каже дека се уште поголеми, со оглед на реизданијата што ги доживуваат старите снимки на нов вид носачи на звук кои се толку многу раширени и лесно достапни што тешко се контролира и брои нивниот вистински тираж. На филмското платно Бинг Крозби, исто така има импозантни бројки.
Снимил преку 70 долгометражни филмови, 30-тина краткометражни, десетина свои ТВ шоу програми кои се емитуваат главно од средината на 50-тите години па до крајот на неговиот живот, како и повеќе илјади часови своја радио шоу програма. Меѓу филмовите најпознати се: „Царски валцер“, „Селанка“, „Одејќи по својот пат“, за кој добива оскар како актер, и др. Снимил преку 2.000 наслови, а меѓу нив и „Бел Божик“ – најтиражна песна на сите времиња од филмот „Холидеј ин“. Авторот Ирвинг Берлин добива оскар за најоригинална филмска песна, а интерпретацијата на Бинг Крозби 11 недели е на првото место на американската топ листа на која, во наредните години, особено пред Божик, се појавува уште 20-тина пати. Врвот на американската топ листа го освоил вкупно 38 пати (приближно колку Елвис Присли и „Битлси“ заедно), а на листата се појавил скоро 400-тини пати.
Вистинското име му е Хари Лилис Крозби. Роден е во 1903 г. во Такома, државата Вашингтон, во скромно седумдетно семејство. Уште како мал има голема желба за пеење и му се восхитува на пејачот Ал Џолсон. По школувањето во 1925 г. целосно и се посветува на музиката, особено кога почнува соработка со Пол Витман, еден од најпознатите бендлидери во тоа време.
Во периодот меѓу 30-тите и 40-тите години веќе станува славен пејач и е меѓу десетте најпопуларни во САД со повеќе снимени хитови и филмови. Следните две децении се најуспешни за него, кога ги издава највредните и најпопуларни дела. Бинг Крозби, со својата огромна популарност и влијание врз музичкиот живот во САД, директно придонесува за подигнување на угледот на пејачот како музички уметник. Тој е првиот што се „дели“ од оркестарот и се става во прв план. До тогаш пејачите биле третирани како членови на оркестарот. Интерпретира разновидна музика – поп, џез, кантри, свинг. Наметнува свој стил на пеење кој подоцна го следат Френк Синатра, Пери Комо, Дин Мартин, Џони Реј, Фред Астер и др.
Како многу богат човек, во 1947 г. Бинг Крозби вложува поголема сума долари, во радио-електронската инженеринг фирма Ампекс за да развијат и усовршат технологија за производство на магнетофонски ленти и професионални магнетофони за снимање и репродукција на звук, односно да го доусовршат пионерскиот обид што го направи германската фирма АЕГ уште во средината на 30-тите години.
За кратко време, Бинг Крозби го има тоа што го посакувал, да ги снима неговите радио емисии и одложно да ги емитува или реемитува и да ги снима своите песни на магнетофонска лента.
Фирмата Ампекс, подоцна ја развива и технологијата за изработка на видеорекордери со таканаречените „ротирачки глави“. Ампекс го усовршува и магнетофонското снимање инсталирајќи повеќе глави за повеќеканално снимање без кое во наредниот период не можеше да се замисли ниту една снимка, не само на Бинг Крозби, туку и на сите што посакуваа да добијат квалитетна репродукција. Тоа беа револуционерни пронајдоци за развојот на радиото и телевизијата воопшто.
Во приватниот живот Бинг Крозби имаше седум деца. Четири сина со првата сопруга, актерката и пејачка Дикси Ли со која беше во брак од 1930 г. до нејзината смрт во 1952 г. Пет години подоцна се ожени со актерката Кетрин Грант со која има една ќерка и два сина..
Бинг Крозби, иако последните години имаше почесто здравствени проблеми, сепак беше активен буквално до крајот на животот. Последниот концерт го одржа во Брајтон, Англија, само два дена пред смртта. Потоа допатува во Мадрид и почина ненадејно од срцев удар играјќи голф на 14 октомври во 1977 г. Неговата љубов кон голфот ја наследи најмладиот син од вториот брак Натаниел Крозби кој стана најмлад аматерски освојувач на првенството на САД во 1981 г. Таа титула ја сочува до 1994 година кога со помалку години првенството го освои денеска славниот голфер Тајгер Вудс.