Денеска (вторник, 10 јуни) во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија ќе биде промовирана книгата „Антологија на заборавените македонски поетеси“ од познатата писателка Ирена Павлова де Одорико.
За новото дело на Ирена Павлова де Одорико ќе зборуваат д-р Весна Мојсова Чепишевска и д-р Сашо Прокопиев, а делови од книгата ќе чита Софија Гогова Врчаковска. Средбата се одржува во рамките на активностите на Клубот на писателките „Даница Ручигај“ при ДПМ.
„Антологијата на заборавените македонски поетеси“ е посветена на творештвото на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска. Во ова дело Ирена Павлова де Одорико понудува студија во која ги разгледува суштинските аспекти на естетските вредности и можната заборавеност во годините по смртта на трите истакнати македонски поетеси.
Есеистичкиот доскурс е збогатен со илустративен оддел на поетските светови на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска, во кој свое место имаат антологиските песни на авторките.