Цената на парното греење од утре ќе се зголеми за 14 отсто.
Оваа одлука ја донесе РКЕ откако БЕГ претходно побара зголемување на цената од 300 %.
Зголемувањето на цената ќе важи од 1-ви јануари. Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски со оваа одлука се враќа цената на ниво од 2018 година.
– Цената за парното ќе се зголеми за 14 проценти. Со оваа цена се враќаме на ниво на топлинска енергија која ја имавме во 2018, имајќи предвид дека за 15-16 проценти ја намаливме цената на парното изминативе три години. Ние признаваме трошок од 4 милиони, но постои разлика од 9 милиони која треба да се прокрие. Потрошувачите не можат да го покријат тој трошок за природоен гас и затоа треба да се вклучат сите чинители. Владата презема чекари овој трошок како да се покрие, но апелирам до Градот Скопје и Општините да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија, рече Бислимовски.
Тој, како експерт во енергетиката не препорачува БЕГ да работи на мазут, иако неговите котли тоа го овозможуваат. Сепак, како што објасни тој, доколку се дојде до некоја крајна ситуација да нема природен гас или неговата цена да биде екстремно висока, оваа опција е отворена.
Како што информира претседателот на РКЕ, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1.480 долари.
– Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената, рече Бислимовски.
Тој посочи дека вообичаено БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра. Разликата во цена, како што кажа, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.
Нагласи дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за првите 15 дена од работењето на БЕГ.
Како опција, која не ја препорачува од еколошки аспекти, сите топлани можат да се префрлат на работа на мазут за само неколку дена, а БЕГ како најголем снабдувач е должен да има резерви од мазут за 15-дневно работење