На подготвителното судско рочиште на кое премиерот Никола Груевски го тужи лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев за случајот Македонска банка, презентиран е нов доказ, ново вештачење на аудио-снимката за која Заев го обвинува Груевски дека е неспорен доказ за коруптивно дело.
Одбраната достави, како што изјавија за НОВА, круцијален доказ- вештачење на аудио- снимката од страна на вештак од Белград, лиценциран од српското Министерство за правда.
Адвокатите велат дека веруваат дека ова е голем, суштински доказ затоа што Македонија во 2013 година ратификувала договор со Србија кој овозможува да се земаат во предвид вештачења, од кредибилна институција.
Груевски не се појави на судењето, за разлика од Заев, кој присуствуваше со 6 адвокати на рочиштето, кои на нивно барање, добија одложување за 3 јули.
Судот донесе решение за одлагање заради обемноста на материјалите кои беа доставени од еден од адвокатите на одбраната, Филип Медарски, додека адвокатот на тужителот Груевски Никола Додовски, рече дека е подготвен да одговори на материјалите кои беа доставени и побара да не биде одложено рочиште. Сепак, по долги препирања меѓу адвокатите, е донесена одлука за одложување.
Рочиштето го следеа претставници на раководството на СДСМ, како и голем број новинари.
Случајот Македонска банка беше отворен на 17 април, со презентирање на аудио- снимка, која ја објави Заев, а на која се слуша телефонски разговор на кој се договара земање кеш од 1,5 милиони евра од газда Нини од продажбата на Македонска банка, и тоа од страна на Груевски. Заев посочи дека се работи за телефонски разговор на Груевски со друго лице, што претставува несоборлив доказ за коруптивно дело на премиерот Груевски, образложи лидерот на СДСМ.