Мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ оваа година ќе се одржи по седми пат во понеделник (23-ти јуни) со почеток во 21 часот во скопски Градски парк.
Настанот го организираат Македонска филхармонија и Младинскиот културен центар.
Како и секоја година, на концертот со оркестарот на Македонската Филхармонија, ќе се подарат 20 илјади книги и на огромни платна со димензии 12 х 3 метри, присутните ќе имаат можност да го проследат ликовниот меч на кој силите ќе ги одмерат етаблирани академски ликовни уметници.
Годинава, со десетици литри боја, огромни четки, на огромните ликовни платна, еден спроти друг, ќе бидат ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеонов.
Концертот оваа година е симболично насловен „Со танц низ светот”, а со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира гостинот од Бугарија, Мартин Пантелеев.
„Види музика, слушни слика, добиј книга” е несекојдневен празник на културата и уметноста кој секоја година во Градскиот парк привлекува многубројни граѓани кои уживаат во музиката и ликовните перформанси”, се наведуваа во соопштението на Македонска филхармонија.