Лидерската средба Груевски-Заев помина без успех. По повеќе од час и половина двајцата лидери обзнанија дека барањето за техничка влада на СДСМ било каменот на сопнување. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски не дава техничка влада, а лидерот на опозицијата Зоран Заев вели дека тоа барање е клучно за опозицијата да се врати во парламентот. По завршувањето на средбата прв со медиумите разговараше лидерот на опозицијата кој изјави дека не е голем оптимист дека Груевски било кога ќе го прифати тој услов.
-На преговори дојдов бидејќи сакав да покажам дека опозицијата не е таа која води инает. Груевски рече дека за него е неприфатливо техничка влада, но за нас тоа е клучниот услов, рече Заев.
Груевски, пак, истакна дека разговорите течеле во коректна атмосфера се до моментот кога лидерот на опозицијата побарал техничка влада.
-Некаде 2-3 минути пред крајот тој кажа дека бара техничка влада. Па ние само што направивме влада, тоа не е прифатливо. Некој го посоветувал да го бара тоа, рече Груевски.
Ниту Груевски ниту Заев не сакаа да дадат прецизен одговор дали оваа ситуација значи затворање на потенцијалниот дијалог или разговорите ќе продолжат.