Премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија рече дека е отворена дискусијата за Република Северна Македонија како една изборна единица.
Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да разговара за измени на Изборниот законик, но тие не смее да се носат избрзано, вели премиерот Ковачевски.
– Во програмата на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Отворена е дискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално, потенцира Ковачевски.
Тој додаде дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел и додаде дека токму затоа Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период.
– Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери, потенцира премиерот.
Тој истакна дека и пред локалните избори имало иницијатива за отворени листи за советници, но тој лично бил против тоа избрзано носење, бидејќи со тоа само ќе се направела забуна кај гласачите.