Вештаци од судска медицина денеска пред судот објаснуваа како настапила смртта кај петмината убиени кај Смилковското езеро во април минатата година.
Вештото лице Рената Јанковска – Ајанова објасни дека смртоносна за Цветанчо Ацевски била повредата од вратот кон главата. Филип Славковски добил смрттна повреда, која завршила во неговото срце, а имал и други тешки телесни повреди, пренесува Макфакс.
Според вештакот Горан Павловски, кај Кире Тричковски имало раскинување на рбетниот мозок, додека Александар Наќевски бил изрешетан со осум проектили, од кои седум биле прострелни и една устрелна рана.
Рибарот Борче Стефковски бил застрелан со четири проектили. Кон петмината било пукано од сите страни со автоматски пушки и пиштол.
Веднаш по убиството Судска медицина излезе со информации дека убиените не биле врзувани и мачени, туку биле изрешетани.
Се очекува да се презентира заедничкиот извештај на Министерството за внатрешни работи и Судска медицина за тоа што точно се случило лани на 12-ти април.
Пред судот за убиството одговараат Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири, додека двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство.