Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) бара Бугарија да го признае македонското малцинство и да го воведе во бугарскиот Устав, заедно со другите малцинства во државата.
Паралелно со оваа заложба, претседателот на ОМД, Мето Колоски, ги анализирал правата загарантирани во бугарскиот Устав на граѓаните кои се декларираат како небугари. (Анализата на англиски можете да ја прочитате ТУКА.)
– Иако цврсто верувам дека Бугарија и Македонија, како соседи, треба да работат на зајакнување на врските меѓу луѓето, проширувањето на економските можности и трговија, се надевам дека граѓанските права на македонското малцинство во Бугарија нема да бидат дополнително компромитирани. Македонците во Бугарија се бугарски државјани – бугарскиот устав ги гарантира тие права, а Бугарија мора да се помири со постоењето на ова малцинство и да им ги овозможи целосните права и заштита според бугарскиот устав, пишува Колоски.
Како прилог кон овие свои тези, претседателот на ОМД, Мето Колоски споделува и неколку члена од Уставот на Бугарија кои се однесуваат на третманот што би требало да го имаат бугарските граѓани кои се декларираат дека се припадници на друг народ, односно се малцинство.
Тој упатува на Конгресменката Клаудија Тени која неодамна го покренала прашањето за македонското малцинство во Бугарија за време на сослушувањето на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом во октомври 2021 година за Балканот. Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар јасно и одговорил на конгресменката, пренесува Колоски, за што има и видео запис: „Нашиот амбасадор во Софија многу тесно соработува со нејзините европски партнери на теренот за да се погрижи овие прашања да се решат“, изјавува Ескобар изразувајќи голема загриженост за се што ги нарушува заедничките американски и бугарски вредности, како што вели.