„Паксловид“ (Paxlovid) на производителот „Фајзер“, кој важи за најсовремен лек против коронавирусот, пристигна во соседна Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Србија е првата земја во континентална Европа која го доби овој лек (во Европа е доставен уште во Велика Британија), десет дена откако ЕМА (Европска агенција за лекови) ја одобри употребата и продажбата на овој лек, соопштија од српското Министерсто за здравство.
Европската агенција за лекови (ЕМА) на крајот на јануари ја одобри анти-ковид пилулата на „Фајзер“, која е прв орален антивирусен лек против таа болест одобрен во Европската Унија (ЕУ).
„Паксловид“ е антивирусен лек кој содржи две компоненти – ритонавир и нирматрелвир и наменет е за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Употреба на лекот се препорачува да започне во првите пет дена по појава на симптомите, се наведува во соопштението кое го пренесе РТС.
Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со САД и Велика Британија, што потпиша договор со претставници на компанијата „Фајзер“ за купување на најдобриот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.




