Францускиот претседател Емануел Макрон во Киев изјави дека неговиот руски колега му рекол оти нема да придонесува за дополнителна ескалација на украинската криза.
На заедничката прес-конференција по состанокот со претседателот на Украина, Володомир Зеленски, Макрон рекол дека, по вчерашниот петчасовен состанок во Москва, добил уверување од Путин оти „нема да иницира ескалација“ и додаде „дека тоа е важно“.
Кремљ претходно ги демантира наводите во дел од медиумите дека Путин и Макрон постигнале договор за деескалација на кризата околу Украина. Портпаролот Дмитрој Песков порача дека „во моментната ситуација, Москва и Париз не може да постигнат било какви договори“.
Според Макрон, Путин вчера му рекол и дека ќе нема „постојана воена база“ или „разместување на трупи во Белорусија“ каде Русија испрати голем број на војници поради воена вежба. Песков за тоа додаде дека Русија цело време планира да ги повлече војниците од Белорусија по воената вежба.
На конференцијата со Макрон, Зеленски рече дека би поздравил конкретни потези на Путин за деескалација, додавајќи оти „начелно не верува на зборови“. Разговорот со Макрон го нарече „многу плоден“.
Со претседателот Макрон имаме заеднички став за заканите и предизвиците за безбедноста на Украина, на цела Европа и на светот, рече Зеленски.
Во тој контекст ја спомена и француската помош од 1,2 милијарди евра за Украина, како и за обнова на инфраструктурата на истокот на земјата кој е разорен од војната.
Макрон се состана со Зеленски во Киев во момент на зголемени стравувања за можна руска инвазија на Украина. Москва размести над 100.000 војници во близина на украинската граница , но инсистира дека не планира напад.
Кремљ побара гаранции од НАТО дека нема да ја зачлени Украина во Алијансата, но и други поранешни советски републики, дека ќе престане со разместување на оружје во тие држави и дека ќе ги повлече силите од Источна Европа, меѓутоа НАТО и САД не се согласуваат на таквите барања.




