Американската вселенска агенција НАСА објави видео и фотографии од површината на Венера, од материјалот добиен од соларната сонда Parker во текот на прелетот минатата година.
Научниците се надеваат дека првите фотографии од овој вид ќе им помогнат да дознаат повеќе за планета во Сончевиот Систем којашто е најслична на Земјата.
Сондата Parker во текот на два прелета покрај Венера извршени во 2020 година и 2021 година, направи фотографии коишто ги објави пред неколку дена, заедно со анализа.
– Венера е третото најсветло нешто на небото, но досега немавме многу информации за тоа како изгледа нејзината површина, бидејќи нашиот поглед е блокиран од густата атмосфера. Сега, конечно, ја гледаме површината во видливи бранови должини, за првпат од вселената, изјави Брајан Вуд, физичар од лабораторијата Naval Research Laboratory во Вашингтон.
Фотографиите се импресивни, а НАСА планира да направи уште снимки кога сондата ќе биде во седмиот и последен прелет во ноември 2024 година.