„Конвојот на слобода“, канадски модел на протест против анти-ковид мерките, се движи кон седиштето на Европската Унија (ЕУ) и покрај забраната на белгиските власти, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Федералната полиција на Белгија преку Твитер ги предупреди граѓаните да не доаѓаат денеска во Брисел со автомобил, бидејќи се забранети сите протести со моторни возила.
Според информациите објавени во белгиските медиуми, европските демонстранти од „Конвојот на слободата“ синоќа од францускиот град Лил одлучиле да се насочат кон Белгија и Брисел во текот на ова утро и повикуваат да им се придружат сите лица кои се противат на рестрикциите поврзани за пандемијата.
Бидејќи белгиските власти забранија протест, полицијата за денеска најави засилени контроли на сите моторни возила во Брисел. Медиумите забележале поставени барикади за протести во повеќе делови од градот уште вчеравечер.
Полицијата во Брисел најави дека првично ќе им се приближи на демонстрантите за да ги информира дека протестот не е дозволен.
„Конвојот на слободата“ вчера мина и низ Париз каде тензијата била максимална.




