Германската војска почна да ја зајакнува борбената група на НАТО во Литванија, по зголемените стравувања од можна инвазија на Русија врз Украина, јави агенцијата ДПА.
Првите камиони со залихи за дополнителните војници утринава тргнаа од Минстер, во Долна Саксонија, јави ДПА.
Шест хаубици качени на тешки камиони, исто така, во текот на денот треба да заминат за Литванија.
Германија испраќа околу 350 дополнителни војници со околу 100 возила во борбената единица на НАТО во Литванија, што е под нејзина команда.
Воздухопловните сили Луфтвафе веќе ги донесоа првите војници на Бундесверот во Каунас.
„Главниот фокус е на зајакнување на борбената група со артилериските орудија. Зајакнувањата, меѓу другото, се состојат и од извидување, нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана (НБЦ), воена полиција и медицински персонал“, наведува германското Министерство за одбрана.




