Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска планира да отпатува за Русија, каде в среда ќе има средба со својот руски колега Владимир Путин, јави агенцијата ДПА.
Посетата, која беше најавена уште во декември на покана на Путин, е во сенка на предупредувањата на американската влада за можен неизбежен руски напад врз Украина.
В четврток, според планираното, Болсонаро треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта.
Бразилскиот претседател ќе биде придружуван од министри и претставници на бизнис заедницата. Во среда се очекува да има и средба меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на Русија и Бразил.
Според набљудувачите, шефот на државата на најголемата земја во Латинска Америка сака да го искористи патувањето за да покаже дека сè уште има партнери во странство.
Со оглед на тајмингот, критичарите во Бразил го нарекоа патувањето „важно“, но „несоодветно“.
Постои ризик претседателот Болсонаро да даде непромислена изјава што може да има страшни последици, рече политикологот Маурицио Санторо, пренесува ДПА.
Министерството за надворешни работи во Бразилија објави соопштение во кое потсетува на 30 години дипломатски односи со Украина.




