Односите меѓу Русија и САД го допреа дното, оценето е денеска од Кремљ.
И покрај неодамна обновениот дијалог меѓу Москва и Вашингтон, нашите односи се на дното, рече портпаролот Дмитри Песков.
Од Вашингтон порачуваат дека Москва во секој момент може да изведе инвазија врз Украина и наведоа дека ќе ја бранат „секој педа“ на НАТО територија.
Украина не е членка на НАТО , но затоа Северноатлантскиот сојуз го засили своето присуство во соседните земји кои се негови членки.
Русија, пак, има стационирано 100.000 војници долж границата со Украина, но упорно ги отфрла наводите на западните земји дека планира инвазија и ги обвинува за хистерија.
Песков за РИА Новости денеска рече дека одредени канали за комуникација се отворени, што го оцени како позитивно, и дека рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден сега контактираат. Двајцата лидери, според него, телефонски разговарале за време на викендот.
Шефовите на држави го одржуваат дијалогот, а дијалог постои и на други фронтови, рече Песков.
„Знаете, тоа е плус. Дијалогот пред неколку години беше на нула, воопшто немаше никакви контакти. Но, за другите работи, за жал, може да говориме само негативно. Нашите односи се на ниска, многу ниска точка. Тие впрочем се на дното“, заклучи Песков.




